ИЗЛОЖУВАЊЕ НА ФОТОГРАФИИ ВО ДОМОТ:
КАКО ДА ГО НАПРАВИТЕ ВАШИОТ ИЗБОР?

Кога ми пристапува семејство за фотосесија, секогаш започнувам со неколку прашања. Прво го дискутираме изгледот на фотографиите кои сакаат да бидат дел од нивниот семеен албум. Почнуваме од некоја нивна посебна желба, но и од уредувањето на нивниот дом. Зошто?

 

Важно ми е фотографиите кои ќе ги направиме, изгледот и боите кои ќе ги користам на сетовите да биде усогласен со домот на семејството кое го фотографирам.

 

Можеби живеете во домот од соништата, под кирија или сте во привремен дом, каде можеби вашиот личен стил сè уште не е истакнат. Ова е сосем разбирливо, со оглед на денешното темпо и услови на живеење. Денес дури немаме време ни да размислиме што би сакале да уредиме, а камоли да најдеме време за планирање.

 

Каква и да е вашата ситуација, фотографиите кои ги правиме, спомените кои ги зачувуваме од вашето семејство се премногу важни за да „фаќаат прашина во компјутерски папки“ кои со време ќе ги снема (читај тука). 

 

Затоа, би сакала да ви помогнам да размислите кон кој стил се стремите и кој е вистинскиот избор за изложување на вашите фотографии. Што би му дало поголема топлина и чувство на припадност на вашиот дом од убаво изложени фотографии од почетокот на вашата нова семејна приказна и новооткриената бесконечна љубов, вашето новороденче?

Ова се моите совети за вас. Неколку точки на размислување кои ќе ве насочат полесно да го одберете вистинскиот начин за изложување на вашите фотографии.

1.  Доколку сѐ уште го барате својот стил, Pinterest  е одлична почетна точка. Размислете за тоа кои бои ќе доминираат, какви материјали и текстури ќе користите, каков вид мебел сакате да имате. Велат дека ако нешто го посакуваш толку силно што знаеш како точно изгледа кога ќе ги затвориш очите, веќе си направил голем чекор кон реализирање на својот сон. (си затворам очи и си ја гледам куќата на карпа покрај море, со висока шума во задниот двор, хаха)

2. Одберете неутрални тонови и едноставна, нежна естетика кога ќе ја планирате вашата фотосесија. На тој начин ќе имате безвременски портрети од вашето семејство кои никогаш нема да излезат од мода. Сегашните трендови или шарени комбинации по извесен период излегуваат од мода, затоа покласична и смирена естетика со сигурност ќе го издржи тестот на времето, а и промената на вашиот ентериер. А вие и вашето бебенце ќе доминирате на фотографиите.

3. Можете со помош на креп-трака или изолир да ги обележите местата планирани за фотографии, за полесно да утврдите кои димензии се најсоодветни за просторот. 

 

Ако имате рамки, можете да експериментирате додека не ја најдете комбинацијата која најмногу ќе ви се допадне.Некои груби правила се дека на ѕидот се поставуваат слики на растојание од 150 см од подот или некои 20тина сантиметри од мебелот доколку го допира или е близу ѕидот. 

 

Преклопете ги фотографиите, можете да ги комбинирате така да дојде една пред друга за да додадете на димензија, мешајте ги големините на рамките, или пак подредете ги на точно растојание во совршен ред. Ако ме прашувате мене сите правила може да се прекршат ако имате кул идеа.

 

За инспирација ви подготвив мала галерија со различни изгледи и комбинации на фотографии.

 

4. Пратете ми фотографии од вашите соби. Со задоволство ќе ви покажам како ќе изгледаат фотографиите на ѕидот и ќе ви помогнам да го направите вистинскиот избор за вас.

 

5. Во случај да не можете да одлучите или, пак, немате соодветен простор во домот каде може да ги изложите вашите фотографии, тогаш рачно изработен фотобук може да биде одличен избор. На тој начин ќе можете да одберете поголем дел од вашите омилени фотографии, а вашиот фотобук совршено ќе се вклопи во секоја ваша соба. Така, еден ден на вашите деца ќе им оставите непроценливо наследствo.

 

Не дозволувајте вашата неодлучност или мислата дека ќе треба да потрошите којзнае колку време на планирање да ве одвратат. Спомените на вашето семејство се едни од најважните нешта кои можете да им ги пренесете на идните поколенија. 

 

Фотографиите се единствената машина за патување низ времето, тие ја доловуваат нашата суштина, нашиот идентитет, нашата семејна приказна. А нашата приказна е она што нѐ дефинира и она што ја гради нашата личност. Затоа, одберете прекрасни врамени фотографии или персонализиран фотобук и раскажете ја вашата семејна приказна со гордост.

ФОТОСЕСИИ
No Comments
Leave a Reply