Како да се подготвите за вашата трудничка фотосесија

Како фотограф на трудници и бебиња, често го слушам прашањето зошто да се фотографирам додека сум трудна.

 

Мене ми беше многу важно да имам фотографии од себе како трудница, затоа што тоа е дел од нашата семејна историја. Тоа е наследството кое ќе му го оставам на моето дете, почетокот на неговата приказна. Најверојатно затоа што немам слики од моето семејство од тој период, а тоа од секогаш ми било дел од сложувалката кој ми недостасувал. 

 

Па, ако се срамите од камера, или ви треба малку поттик, потсетете се зошто е важна оваа фотосесија и верувам ќе ви помогне да го надминете срамот.

 

Ова се неколку совети кои ќе ви помогнат да се чувствувате пријатно и да изгледате најдобро на вашата фотосесија.

Најдете го вистинскиот фотограф

Кога бирате фотограф најважно е да обрнете внимание на неколку работи. Најпрво дали стилот на фотографирање е соодветен на вашиот, зашто на тој начин ќе бидете сигурни дека ќе добиете фотографии какви што посакувате.

 

Разгледајте го портфолиото на фотографот, дали ви се допаѓаат позите, дали мајките се убаво доловени, дали има фотографии од различни клиенти, колку често се објавуваат нови фотографии. Важно е дали вашиот фотограф успева да улови една-две одлични фотографии на неколку месеци или успева да направи 20тина одлични фотографии на секоја фотосесија.

 

Исто така е важно да имате лесна комуникација со вашиот фотограф, да прави да се чувствувате удобно и безбедно.

 

Цената е секако фактор кој не треба да се занемари, но не треба да биде одлучувачки кога станува збор за фотосесија. Добрите фотографии чинат повеќе, бидејќи добрата фотографија бара многу знаење и труд. Но, за волја на вистината лошите фотографии ќе ве чинат неколку пати поскапо. Замислете да добиете лоши фотографии, а веќе сте се породиле или пак треба да платите подобар фотограф за да ви направи фотографии какви што посакувате.

Кога да ја закажете вашата трудничка фотосесија

Секое тело е различно, па нема точен одговор.Најсоодветно време да ја направите вашата фотосесија е од 28та до 36тата недела од бременоста ако очекувате едно бебенце, а ако очекувате близнаци тогаш се препорачува нешто порано, од 26тата до 32та недела. Сепак, сѐ е индивидуално, знак дека сте подготвени за фотосесија е стомачето да е заоблено и да се чувствувате добро додека се движите, без многу отоци. Што порано, тоа подобро.

 

Доколку имате патолошка бременост и треба поголем дел од времето да лежите и одмарате, договорете со вашиот фотограф да дојде во вашиот дом и таму да ја направите фотосесијата. Позирањето ќе биде прилагодено на вашите можности, а и без грижи, има толку прекрасни пози каде мајките седат и лежат, затоа верувам дека ќе имате прекрасни фотографии.

дотерајте се

Кога правите фотосесија моја препорака е секогаш да си закажете професионална шминка и фризура. Ќе се чувствувате посигурно во себе, а ќе изгледате уште подобро на фотографиите.

 

Јас соработувам со професионален мејкап артист, мојата омилена Марија Топалова. Таа секогаш успева да направи мајките да се чувствуваат прекрасно и самоуверено.

 

Доколку не сте во можност во моменот, тогаш употребете ги своите супер шминкерски моќи и нашминкајте се за да изгледате нежно пред камерата. Важно е да ви одговара на комбинациите кои ги планирате за фотосесијата и да ја истакне вашата убавина.

 

Доколку имате долга коса можете да поднавиткате за да добие брановиден изглед. Косата изгледа најнежно пуштена и лелеава.

 

Не заборавајте на маникир и педикир. Одберете боја на лак која ќе одговара на вашиот избор или пак неутрална за да можете да си менувате изглед без ограничување.

 

Мала тајна: вештачки трепавици кои изгледаат природно ќе направат вашите очи да се истакнат.

што да облечете

Облеката значително допринесува за изгледот и емоцијата што ја носи фотографијата, токму затоа е добро да си подготвите:

  • Градник без прерамки и килоти без рабови во месо боја
  • Градник и килоти во бела и црна боја
  • Ноќници, чипкани наметки
  • Фармерки (не труднички) и тесна маичка на прерамки
  • Долг, лелеав фустан
  • Тесен фустан кој ја отцртува вашата линија
  • Наметки, џемперчиња со копчиња, кошули
  • Кошула од партнерот
  • Значајни предмети (слики од ултразвук, облека за бебето и слично)

Доколку се фотографирате со партнерот или целото семејство погрижете се облеката да ви е координирана. Одберете облека со слични бои, во различни тонови. Пример доколку вие имате пастелно розев фустан, тогаш партнерот може да облече пастелно сина блуза или кошула со фармерки.

 

За да добиете фотографии кои ќе ви се допаѓаат кога ќе ги разгледувате и по 20-50 години, одбегнувајте трендовски парчиња облека и аксесоари и шарени комбинации. Низ времето едноставните фустани кои ја нагласуваат линијата се издвојуваат како безвременска варијанта за портретна фотографија.

 

Најчесто фотографите кои се специјализирани за труднички портрети имаат гардероба или наметки кои можете да ги користите за вашата фотосесија.

На денот на фотосесијата

Без разлика дали сте активна трудница или не, ослободете си го распоредот на денот на сликањето. Одвојте време пред сесијата за да јадете и пијте доволно течности за да можете да имате лесна и релаксирана фотосесија. Едноставно посветете си го денот за вас.

Запомнете, на вашата трудничка фотосесија треба да се чувствувате фантастично и самоуверено. Ова е еден прекрасен и редок момент во вашиот живот затоа не размислувајте дали е вистинска одлука да направите фотосесија, туку почнете да размислувате како сакате да бидете фотографирана. Забавувајте се на фотосесијата и направете спомени во кои ќе уживате заедно со вашето малечко низ годините.

Студио Маруди е фото студио кое главно е посветено на труднички портрети и портрети на новороденчиња, лоцирано во Скопје. Разгледајте го портфолиото со труднички фотосесии тука или на Фејсбук.

Ако имате дополнителни прашања или сакате да ја закажете вашата трудничка фотосесија побарајте ме на 075-472-635 или пишете ми на tanja@studiomarudi.com.

tanja-john
ФОТОСЕСИИ
No Comments
Leave a Reply